Доналд Трамп го доведе во прашање расниот идентитет на Камала Харис за време на конвенција за црни новинари. Тој кажа дека неговата најверојатна противкандидатка на претседателските избори не го нагласувала своето азиско-американско потекло до неодамна, кога станала црна личност.
„Не знаев дека е црнкинка до пред неколку години, кога наеднаш се претвори во црна и сега сака да биде црна. Затоа не знам дали таа е Индијка или црнкинка“, изјави Трамп.
Харис на друг настан возврати дека забелешките на Трамп се истите оние стари изрази на непочитување и правење поделби.
„Американците заслужуваат подобро. Заслужуваме лидер кој разбира дека нашите разлики не нѐ делат, тие се суштинскиот извор на нашата сила“, рече Харис.
Мајката на Харис беше Индијка, додека татко ѝ е роден на Јамајка, со што таа е првиот црн потпретседател и прв со азиско-американско потекло во историјата на САД.
Забелешките на Трамп предизвикаа вжештена дискусија на конвенцијата во Чикаго.
„Јас ги почитувам и двете работи, но очигледно таа не, зашто цело време беше Индијка, а потоа наеднаш стана црнкинка“, кажа Трамп.
Тој своевремено лажно го обвини Барак Обама дека не е роден во САД.