Камбоџа и Тајланд прифатија моментален и безусловен прекин на огнот, што почнува на полноќ по локално време, објави малезискиот премиер Анвар Ибрахим, кој беше посредник во преговорите. Тој додаде дека двете страни се согласиле да преземат чекори за враќање во нормалност по неколкудневните погранични судири.
Камбоџанскиот премиер Хун Манет и привремениот тајландски премиер Фумтам Вечајачаи им се заблагодарија на Доналд Трамп и кинеската влада на крајот на преговорите. Тајланд во прв момент одбиваше посредување од трета страна, но го смени ставот по заканите од Трамп. Тој ги повика двете земји да прифатат прекин на огнот како предуслов за претстојните трговски договори со Вашингтон.
Престрелките помеѓу Камбоџа и Тајланд, кои се во спор околу границата повеќе од 100 години, почнаа во четвртокот, при што загинаа најмалку 35 војници и цивили, а над 260.000 луѓе беа раселени. Тајланд притоа ги затвори сите гранични премини кон Камбоџа.
Двете страни се обвинуваа меѓусебно за започнувањето на конфликтот во спорната гранична област, што брзо ескалираше во тешко гранатирање. Престрелките почнаа откако Тајланд го отповика својот амбасадор во Камбоџа минатата среда и изјави дека ќе го протера амбасадорот на Камбоџа во Бангкок откако втор тајландски војник за една недела загуби нога од нагазна мина. Тајланд тврдеше дека мините неодамна биле поставени во спорната област.