Новиот ирански врховен водач Моџтаба Хамнеи порача дека Иран ќе продолжи да ги напаѓа американските бази на Блиски Исток и Ормускиот Проток, во своето прво јавно обраќање откако го наследи својот татко Али Хамнеи. Неговата изјава беше прочитана на иранската државна телевизија.
„Блокирањето на Ормускиот Проток е нешто што Иран треба да го користи. Неговото затворање ќе продолжи како притисок врз непријателот. Иран има политика на пријателство со соседните земји, но би им советувал да ги затворат американските бази, кои Иран ќе продолжи да ги таргетира“, рече Хамнеи.
Тој истакна дека Иран нема да се двоуми да ја одмази пролеаната крв на Иранците во оваа војна, што особено се однесува на нападот на школото за девојчиња во градот Минаб, во кој беа убиени 168 луѓе, од кои 110 деца. Првичната истрага сугерира дека американски проектил „томахавк“ го погодил школото сместено до воена база, но САД досега немаат преземено одговорност.
Тој повика на национално единство и ја пофали војската што спречила Иран да биде поделен и потчинет.
Моџтаба Хамнеи го преживеа нападот на 28 февруари во кој беа убиени неговите татко, мајка, сопруга и син и во меѓувреме беше објавено дека тој притоа бил лесно ранет. Тој беше избран за нов врховен водач на 8 март.



