Кина демонстрираше моќ и ги претстави своите најнови оружја пред Владимир Путин и Ким Џонг Ун на големата воена парада во Пекинг, при што кинескиот претседател Шји Џинпинг предупреди дека светот се соочува со избор помеѓу војна и мир. Со раскошната парада се одбележаа 80 години од предавањето на Јапонија и крајот на Втората светска војна, а меѓу 26-темина шефови на држави и влади беа и лидерите на Иран, Белорусија, Србија, Куба, Мјанмар и Индонезија, но никој од западот.
„Денес, човештвото се соочува со избор помеѓу мир или војна, дијалог или конфронтација, победа за сите или нулта сума“, изјави Шји пред повеќе од 50.000 луѓе на плоштадот Тјенанмен, додавајќи дека кинескиот народ цврсто стои на вистинската страна од историјата.
Возејќи се во лимузина со отворен покрив, Шји направи инспекција на војниците и изложената најсовремена воена опрема, како што се ракети, тенкови и беспилотни летали. Хеликоптери со големи транспаренти и борбени авиони прелетуваа во формација за време на 70-минутната презентација полна со симболика и пропаганда, која кулминираше со пуштањето на 80.000 гулаби и шарени балони.
„Светот не смее никогаш да се врати на законот на џунглата, каде што силните ги ловат слабите. Искрено се надеваме дека сите земји ќе извлечат поуки од историјата, ќе го ценат мирот и ќе работат заедно за да создадат посветла иднина за човештвото. Силата може да превладува некое време, но разумот е тој што победува. Правдата, светлината и напредокот секогаш ќе триумфираат над злото, темнината и реакцијата“, изјави Шји.
Тој ја смета Втората светска војна за голема пресвртница во „големото подмладување на кинеската нација“, при што таа го надмина понижувањето од инвазијата на Јапонија и стана економска и геополитичка сила. Порано оваа недела, Шји ја откри својата визија за нов глобален поредок, повикувајќи на единство против хегемонизмот и политиката на моќ.
Седејќи меѓу Путин и Ким, Шји постојано разговараше со нив, додека пред нив парадираа војниците и воената опрема. Меѓу новите оружја што можеа да се видат за првпат беа ласерски оружја, нуклеарен интерконтинентален балистички проектил, огромни подводни дронови и хиперсонични противбродски проектили, а посебно внимание привлекоа „роботските волци“, кои, според кинеските медиуми, се машини со камери способни за извидување на фронтот, доставување залихи и за извршување прецизни напади врз цели.
„Ве молам, упатете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг Ун додека правите заговори против САД“, напиша Трамп на својата социајлна мрежа по почетокот на настанот.
Тој претходно им кажа на новинарите дека не ја смета парадата за предизвик за САД.