Владимир Путин му се заблагодари на кинескиот лидер Шји Џинпинг за присуството на прославата на 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна и додаде дека Русија и Кина сега застануваат заедно против неонацизмот. Шји е меѓу 20-ината лидери на држави кои ќе присуствуваат на утрешната воена парада на Црвениот плоштад во Москва, што е значаен поттик за Путин, кој ја претставува војната против Украина како борба против модерните неонацисти.
„Победата над фашизмот, остварена по цена на неверојатни жртви, е од трајно значење. Заедно со нашите кинески пријатели денес цврсто ја чуваме оваа историска вистина, го штитиме сеќавањето на настаните од воените години и се спротивставуваме на современите манифестации на неонацизмот и милитаризмот“, кажа Путин.
Шји изјави дека двете земји ќе работат заедно за да се спротивстават на унилатерализмот и малтретирањето.
„Русија и Кина заеднички ќе го промовираат правилниот поглед на Втората светска војна, ќе ги чуваат авторитетот и статусот на Обединетите нации и одлучно ќе ги бранат правата и интересите на Кина, Русија и огромното мнозинство земји во развој“, кажа кинескиот претседател.
Кина е најголемиот трговски партнер на Русија и ѝ помогна да се справи со западните санкции. Таа купува повеќе руска нафта и гас од која било друга земја.