Кина вети дека нема да потклекне пред никакви уцени од САД, додека светската трговска војна предизвикана од новите царини на Доналд Трамп не покажува знаци на попуштање.
Трамп вчера се закани дека ќе ги зголеми царините за увозот од Кина за дополнителни 50%, односно за повеќе од 100%, како одговор на најавените кинески реципрочни царини од 34%.
„Американската закана за засилување на царините за Кина е грешка на сите грешки и уште еднаш ја покажува уценувачката страна на САД. Ако Америка инсистира на овој начин, Кина ќе се бори до крај“, соопшти кинеското министерство за трговија.
Трамп во прв момент најави царини за Кина од 34%, кои со претходно воведените 20% се зголемија на вкупни 54%. Кина се најде меѓу државите кои Белата куќа ги опиша како „најлоши престапници“, наметнувајќи им царини поголеми од 10%. Овие царини треба да стапат на сила утре и Трамп вчера кажа дека нема да има нивно одложување, иако некои држави бараат да преговараат.
„Повеќе мерки од САД ќе поттикнат дополнителни контрамерки за американските стоки. Тврдењето на Трамп дека неговите царини се реципрочни е неосновано и е типична еднострана насилничка практика“, кажа Пекинг.
По три дена остар пад, азиските берзи денеска се во пораст. Јапонскиот индекс Никеи 225 е поголем за 6% во однос на вчера, додека Ханг Сенг од Хонгконг забележа раст од околу 2%, откако вчера падна за повеќе од 13%, најмногу во последните неколку децении.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера изјави дека Европа е спремна да преговара со Вашингтон, нудејќи царини од 0% за индустриските стоки што ЕУ ги извезува во САД.
„Ние секогаш сме спремни за добра идеја, но истовремено подготвуваме контрамерки“, кажа Фон дер Лајен.