Кина влезе во нова ера, во која што треба да преземе централна улога во светот, објави претседателот Ши Џинпинг на конгресот на Комунистичката партија, што се одржува под силно обезбедување.
„Брзиот напредок на земјата во социјализмот со кинески карактеристики може да послужи како модел за други земји“, кажа Џинпинг во обраќањето пред 2.000 делегати .
Овој конгрес, што ќе трае до утре, се одржува на секои пет години и на него се избира раководството на државата за нареден период. Се очекува Џинпинг да ја консолидира својата моќ и да остане шеф на партијата.
Набројувајќи ги последните достигнувања на државата во тричасовниот говор, Џинпинг најави дека Кина ќе стане голема сила во светот и дека ќе игра важна улога во историјата на човештвото.
„Кинескиот модел на раст под комунистичката власт се покажа многу успешен. Тоа им дава нов избор на земјите во развој. Време е ние да го преземеме централното место во светот и уште повеќе да придонесуваме за човештвото“, додаде Џинпинг.
Тој ја презеде власта во 2012 година и кинеската економија оттогаш забележува константен раст.