Кина воведе данок на контрацептивни средства за првпат во последните три децении со цел да ги поттикне семејствата да имаат повеќе деца. Контрацептивните лекови и производи како кондоми од 1 јануари веќе нема да бидат исклучени од кинескиот данок на додадена вредност од 13%, соопштија даночните власти.
Овој потег доаѓа во време кога стапката на наталитет во земјата се намалува. Во 2024, во Кина биле родени 9,5 милиони бебиња, што е околу една третина помалку од 14,7 милиони родени во 2019 година, според Националното биро за статистика.
Бидејќи смртните случаи ги надминаа раѓањата во Кина, Индија ја престигна како најнаселена земја во светот во 2023.
Во претходните децении, огромниот раст на населението во Кина ја поттикна владејачката Комунистичка партија да им забрани на двојките да имаат повеќе од едно дете и ова правило важеше од почетокот на 1980-тите до 2015. Во некои случаи, жените биле подложени на присилни абортуси, а децата родени над ограничувањето од едно дете биле лишени од идентификациски број, што ги правело недржавјани. Владата го зголеми ограничувањето на две деца во 2015, па на три деца во 2021.
Контрацепцијата претходно беше активно охрабрувана и лесно достапна, понекогаш и бесплатно.



