Поранешниот директор на Федералното истражно биро на САД (ФБИ), кој беше отпуштен од претседателот Трамп, изјави дека нема сомнежи оти Русија се мешала во претседателските избори во САД и дека Трамп лажел кога велел дека вработените немале доверба во директорот на ФБИ.
„Немам сомнежи дека Русија се мешала во претседателските избори во Соединетите Американски Држави, но нема докази дека успеала да ги намести гласовите“, изјави поранешниот директор на Федералното истражно бири (ФБИ), Џејмс Коми на сослушувањето пред Комисијата за разузнавачките служби на американскиот Сенат.
„Русија се мешала во нашите избори и тоа го правеле со цел и на многу софистициран начин и во тоа нема никаков сомнеж“, неколку пати повтори Коми во текот на сослушувањето.
Поранешниот директор на ФБИ рече дека неговите разговори со американскиот претседател Доналд Трамп биле многу вознемирувачки и дека здравиот разум му говорел оти Трамп барал нешто за возврат за да го задржи него на местото директор на ФБИ.
Тој рече дека Трамп не бил под истрага додека тој бил директор на ФБИ, но истакна дека поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател, Мајкл Флин бил во „законска опасност од кривичен прогон“.
На прашањезошто водел белешки од сите средби со Трамп, Коми рече дека бил загрижен оти тогаш избраниот претседател би можел да лаже. „Знаев дека би можело да дојде време кога моите белешки би можеле да бидат важни за да ја заштитам службата и себе“, рече Коми.
Коми истакна оти верува дека е отпуштен поради истрагата за мешањето на Русија во претседателските избори. Тој, исто така, рече дека администрацијата на Трамп го омаловажила него и ФБИ со изјавата дека оваа институција е во хаос.
„Иако, според законот не е нужно да постојат било какви причини за смена на директорот на ФБИ , администрацијата на Трамп се одлучи да ме клевети мене и, што е уште поважно ФБИ, со тврдењата дека оваа организација е во хаос, дека е лошо водена и дека вработените изгубиле доверба во директорот. Тоа беа чисти лаги“, рече Коми.