КОМПОЗИТОРОТ ФИЛИП ГЛАС ЈА ОТКАЖА ПРЕМИЕРАТА НА СИМФОНИЈАТА „ЛИНКОЛН“ ОТКАКО ЦЕНТАРОТ „КЕНЕДИ“ ГО ДОДАДЕ ИМЕТО НА ТРАМП

    КОМПОЗИТОРОТ ФИЛИП ГЛАС ЈА ОТКАЖА ПРЕМИЕРАТА НА СИМФОНИЈАТА „ЛИНКОЛН“ ОТКАКО ЦЕНТАРОТ „КЕНЕДИ“ ГО ДОДАДЕ ИМЕТО НА ТРАМП„Симфонијата бр. 15 е портрет на Абрахам Линколн, а вредностите на 'Кенеди центарот' денес се во директен конфликт со пораката на симфонијата“, изјави Глас. (Фото: АП)

    Легендарниот американски композитор и пијанист Филип Глас ја откажа светската премиера на својата симфонија за Абрахам Линколн во Центарот „Кенеди“, во знак на протест против Доналд Трамп. Глас соопшти дека ја повлекува симфонијата „Линколн“ , бидејќи вредностите на Центарот „Кенеди“ под водство на Трамп се „во директен судир“ со пораката на симфонијата. Симфонијата требаше да се изведе на 12 и 13 јуни.

    Од 19 декември, на фасадата на зградата пишува „Доналд Џ. Трамп и Меморијалниот центар за сценски уметности Џон Ф. Кенеди“. Според Белата куќа, одборот избран од претседателот ја одобрил одлуката, за која научниците велат дека го крши законот. Трамп со месеци сугерираше дека е отворен за промена на името на центарот.

    „По внимателно размислување,  решив да ја повлечам мојата Симфонија бр. 15 ‘Линколн’ од Центарот за изведувачки уметности ‘Џон Ф. Кенеди’ . Симфонијата бр. 15 е портрет на Абрахам Линколн, а вредностите на ‘Кенеди центарот’ денес се во директен конфликт со пораката на симфонијата. Затоа, чувствувам обврска да ја повлечам премиерата на оваа симфонија од ‘Кенеди центарот’ под неговото сегашно раководство“, се вели во соопштението на композиторот.

    Рома Дарави, потпретседателка за односи со јавноста на Центарот, одговори: „Нема место за политика во уметноста, а оние што повикуваат на бојкоти врз политичка основа носат погрешна одлука.“

    Глас, кој важи за најголемиот жив американски композитор, во 2018 доби признание од „Кенеди“ и во 2010  беше одликуван со Национален медал за уметност од претседателот Барак Обама.

    88-годишниот музичар стана дел од сè подолгата листа уметници кои ги откажуваат своите дела по смената на претходното раководство на Центарот од Трамп. Мјузиклот „Хамилтон“, Иса Реј, Рене Флеминг, Бела Флек, Соња де лос Сантос, Чак Ред, квартетот „Брентано“, Танцовата компанија „Марта Греам“ и Националната опера на Вашингтон се меѓу уметниците и групите што ги повлекуваат своите настапи од  институцијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира