Френсис Форд Копола го тужеше филмското списание „Вараети“, велејќи дека текстот објавен во јули дека водел непрофесионален сет, при што допирал и се обидувал да бакне статистки на снимањето на неговиот филм „Мегалополис“, е лажен и клеветнички. Тужбата, со која Копола бара отштета од најмалку 15 милиони долари, е поднесена во Врховниот суд во Лос Анџелес, две недели пред неговиот долгоочекуван и самофинансиран филм да има премиера во американските кина.
Во тужбата се вели дека 85-годишниот режисер на „Кум“ и „Апокалипса сега“ е „креативен гениј“, а другите се љубоморни и затоа кажуваат свесни и непромислени лаги.
„Криејќи се зад наводно анонимни извори, новинарите и уредниците на ‘Вараети‘ го обвинија Копола за очигледна неспособност како режисер, за непрофесионално однесување на сетот на неговиот последен филм ‘Мегалополис‘, за гушкање разголени актерки и дека воспоставил шема во која ако некој има поплака за вознемирување да нема каде да поднесе жалба. Секое од овие обвинувања беше лажно“, стои во тужбата.
Од „Вараети“ не ја коментираа тужбата и само кажаа дека им даваат поддршка на своите новинари.
Копола изјави дека ништо во неговата кариера не се споредува со тешките, но триумфални напори да се направи „Мегалополис“.
„Тоа беше соработка на стотици уметници, од статисти до филмски ѕвезди, кон кои постојано покажував најголеми почит и благодарност. Да се видат нашите колективни напори извалкани со лажно, несовесно и неодговорно известување е поразително“, рече Копола.