Британскиот крал Чарлс Трети му ја одзеде титулата принц на својот помлад брат Ендрју и го натера да се исели од замокот Виндзор, објави Бакингамската палата, казнувајќи го за неговите врски со сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстајн.
Шеесет и петгодишниот Ендрју, вториот син на покојната кралица Елизабета, се најде под силен притисок поради неговите однесување и врски со Епстајн и порано овој месец објави дека се откажува од титулата војвода од Јорк. Чарлс сега му ја одзеде и титулата принц, оставајќи го со името Ендрју Маунтбатен Виндзор.
Кралската палата кажа дека Ендрју ќе се пресели од вилата Ројал Лоџ во алтернативно приватно сместување во источна Англија.
„Овие мерки се сметаат за неопходни, и покрај фактот дека тој продолжува да ги негира обвинувањата против него. Нивните величества сакаат јасно да стават до знаење дека нивните мисли и сочувства биле и ќе останат со жртвите и преживеаните на сите форми на злоупотреба“, соопшти Бакингамската палата.
Ендрју се соочи со низа скандали во последните години, вклучувајќи судски спор со Вирџинија Гифре, една од жртвите на Епстајн, прашања за неговите финансии и вмешаност со наводен кинески шпион. Неодамна излегоа постхумните мемоари на Гифре, која тврдеше дека неколкупати имала секс со Ендрју кога имала само 17 години. Книгата откри нови детали за нејзината врска со Ендрју и Епстајн.
Извор од палатата изјави дека Ендрју продолжил да ги негира обвинувањата против него и дека одлуката ја донел Чарлс, за што имал поддршка од поширокото семејство, вклучувајќи го и наследникот на престолот, принцот Вилијам.

 
                                     
                                    

