КРЕМЉ МОЛЧИ ЗА СМРТТА НА ПРИГОЖИН ЧИЈ АВИОН МИСТЕРИОЗНО СЕ УРНА

    КРЕМЉ МОЛЧИ ЗА СМРТТА НА ПРИГОЖИН ЧИЈ АВИОН МИСТЕРИОЗНО СЕ УРНАПутин вчера во Моска држеше говор по повод 80-годишнината од победата во битката за Курск за време на Втората светска војна. (Фото: Кремљ)

    Американскиот претседател Џо Бајден сугерираше дека рускиот претседател Владимир Путин е вмешан во загинувањето на Евгени Пригожин во авионска несреќа, а украинските власти го окарактеризираа инцидентот како предупредување за руските елити.

    Но, од Кремљ засега нема никаква реакција по смртта на шефот на приватната армија Вагнер, кој до неуспешниот пуч пред точно два месеца, беше еден од најблиските луѓе на Путин.

    „Не знам што точно се случило, но не сум изненаден. Многу малку се случува во Русија без Путин да стои зад тоа. Но, не знам доволно и не го знам одговорот“, кажа Бајден, одговарајќи на новинарско прашање за паѓањето на приватниот авион на Пригожин на пат од Москва за Санкт Петерзбург.

    Росавијација, руските воздухопловни власти, соопштија дека Пригожин и основачот на Вагнер Дмитри Уткин биле меѓу десетмина луѓе во авионот Ембраер, која падна вчера во областа Твер северозападно од Москва.

    Путин, кој вчера во Моска држеше говор по повод 80-годишнината од победата во битката за Курск за време на Втората светска војна, не го спомена воопшто Пригожин и место тоа ги поздрави „сите војници кои се борат храбро и одлучно“ во Украина.

    И руските државни телевизии само кусо известија за авионската несреќа и не го ни споменаа Пригожин, кој до пред два месеца беше најистакната руска фигура во војната во Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира