Сопругата на соборениот сириски претседател Башар ал-Асад не побарала развод, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Ова доаѓа откако турски медиуми објавија дека Асма ал-Асад сакала да стави крај на бракот и да замине од Русија, каде што таа и нејзиниот сопруг добија азил по бегството од Дамаск.
Запрашан дали тоа е точно, Песков одговори:
„Не, тоа нема врска со реалноста“,
Русија беше еден од најблиските сојузници на режимот на Асад и му помогна да превладее во крвавата граѓанска војна.
Асма ал-Асад (49) има двојно, британско и сириско државјанство. Британското министерство за надворешни работи неодамна кажа дека нема да ѝ биде дозволено да се врати во Велика Британија.
Таа е родена во Велика Британија од сириски родители и пораснала во западен Лондон. Во Сирија се преселила на 23 години и се омажила за Башар ал-Асад само неколку месеци откако тој ја наследи власта од татко му. Асма, која отсекогаш го привлекувала вниманието на западните медиуми, во 2018 објави дека се лекувала од рак на дојка, а оваа година ѝ била дијагностицирана леукемија.