Побуната на „Вагнер“ нема да влијае врз руските воени операции во Украина, тврди Кремљ.
Платениците на Евгени Пригожин имаа клучна улога во крвавата офанзива и освојувањето на источноукраинските градови Соледар и Бахмут и Кремљ кажа дека сите кои ќе потпишат договор со министерството за одбрана нема да бидат кривично гонети за учество во вчерашната побуна, која беше најголемата безбедносна криза во Русија во последните децении. Пригожин тврдеше дека располага со 25.000 борци.
Шефот на „Вагнер“ го запре маршот на Москва кога биле на 200 километри пред градот. Како дел од договорот што го издејствувал белорускиот лидер Александар Лукашенко, Кремљ ги отфрли обвиненијата против Пригожин и вети дека ќе им даде безбедносни гаранции на неговите војници. На Пригожин му е дозволено да замине во Белорусија.
„Њујорк тајмс“ објави дека американските безбедносни служби уште во средата знаеле за плановите на Пригожин, кој со месеци водеше вербална војна со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и шефот на руската војска Валери Герасимов. Пригожин тврдеше дека целта на неговиот марш е да ги отстрани „корумпираните и некомпетентни“ руски воени заповедници, кои ги обвинуваше за лошо водење на војната во Украина.
Путин го обвини Пригожин за велепредавство и кажа дека неговата побуна го загрозува опстанокот на Русија. Останува нејасно што ќе се случува со „Вагнер“ после ова. Руските власти вчера упаднаа во неговото седиште во Санкт Петербург, при што беа запленети десетици милиони долари.
„Денеска видовме дека господарите на Русија не контролираат ништо. А, тоа значи целосен хаос и отсуство на секаква предвидливост“, кажа украинскиот претседател Зеленски.
Институтот за проучување војна смета дека иако побуната е задушена, Кремљ се соочува со длабоко нестабилна ситуација.