Евгени Пригожин, лидерот на руската платеничка армија Вагнер, им сугерираше на руските власти да прогласат дека ги оствариле целите на „специјалната воена операција“ и да стават крај на војната во Украина.
Пригожин, во објава на „Телеграм“, вели дека Русија успеала да убие голем број украински мажи на воена возраст и да принуди други да избегаат од земјата.
„Идеалната опција е да се прогласи крај на специјалната воена операција, да ги информираме сите дека Русија ги постигнала целите што ги испланирала и во таа смисла, ние навистина ги остваривме. Уништивме голем број припадници на украинската армија и можеме да си признаеме дека нашата задача е исполнета. Русија го отсече Азовското море и голем дел од Црното море, зазеде голем дел од украинската територија и создаде копнен коридор до Крим“, вели Пригожин.
Но, тој предупреди дека има еден проблем што го предизвика војната.
„Ако претходно Украина беше дел од поранешна Русија, таа сега е апсолутно национално ориентирана земја“, кажа лидерот на Вагнер.