Линда Јакарино, шефицата на социјалната мрежа Икс на Илон Маск, објави дека се повлекува. Јакарино е на оваа функција од јуни 2023. Во објава на платформата, таа рече дека е „неизмерно благодарна“ на Маск што „ми ја довери одговорноста за заштита на слободата на говорот, пресврт на компанијата и трансформирање на Икс во апликација за сè“.
Маск објави краток одговор, во кој само рече: „Ви благодарам за вашите придонеси“.
Јакарино претходно беше раководителка на рекламирањето во во „Ен-Би-Си-Јуниверзал“, а дојде во Икс, тогашен Твитер, во време на превирања, кога огласувачите ја напуштија платформата, а Маск го надгледуваше отпуштањето на огромен број вработени. Во својата објава за заминувањето, таа рече дека одлучила да се повлече по „две неверојатни години“.
Таа додаде: „Кога Елон Маск и јас првпат разговаравме за неговата визија за Икс, знаев дека тоа ќе биде животна шанса да ја спроведам извонредната мисија на оваа компанија.“ Не е јасно дали имало некаков прекин во нивната врска откако таа се приклучи во 2023.
Но, тонот на платформата се промени во тој период. Неговата поранешна инкарнација Твитер беше обвинета дека се наклонува влево, сега Икс бесрамно се наклонува вдесно во однос на содржината што добива најголема видливост. Иако Маск се повлече од функцијата извршен директор, тој никогаш навистина не се повлече од својата омилена социјална мрежа, ако ништо друго, стана погласен и поконтроверзен откако ја назначи Јакарино.
Каква и да е причината, нејзиното заминување доаѓа во тежок период за Маск, кој се справува со пад на продажбата во неговиот производител на автомобили „Тесла“.
Тој е исто така вмешан во вербална војна со својот поранешен политички сојузник, американскиот претседател Доналд Трамп, што кулминираше со плановите на Маск да формира нова политичка партија.
Икс исто така, продолжи да привлекува контроверзии. Најновата е кога четботот на Маск, Грок – кој е вграден во Икс – зборуваше позитивно за Хитлер. Во соопштението, компанијата „иксАИ“ изјави дека работи на отстранување на она што го нарече „несоодветни“ објави.