Венецуела попушти во спорот со САД и го откажа барањето нивните дипломати да ја напуштат земјата, додека Вашингтон го повика светот да избере страна во брзо растечката криза во оваа земја.
Претседателот Николас Мадуро ги прекина врските со САД во средата, откако Доналд Трамп и голем број други земји за нов лидер го признаа Хуан Гуаидо. Каракас тогаш им даде рок од три дена на американските дипломати да ја напуштат земјата, што Трамп кажа дека нема да го послуша, тврдејќи дека Мадуро веќе не е претседател.
Крајниот рок требаше да истече вчеравечер, кога Министерството за надворешни работи на Венецуела соопшти дека владата на Мадуро ја суспендира одлуката за протерување на дипломатите. Место тоа, во наредните 30 дена ќе се преговара за отворање на „канцеларија за интереси“ во двете земји, сличен вид дипломатски односи што ги имаа САД и Куба со децении.
Стејт департмент засега нема одговорено на понудата од Венецуела, но велат дека немаат во план да ја затворат својата амбасада.
„Време е да се стави крај на оваа ноќна мора и сите земји да го признаат Гуаидо. Време е секоја земја да избере страна. Нема веќе одложувања и игри. Или сте за слобода или сте во лигата со Мадуро“, изјави државниот секретар на САД, Мајк Помпео.