Тензиите помеѓу локалната грчка и македонска заедница околу слика на еден фејсбук статус на која градоначалничка од малиот град Витлси игра со знамето од Кутлеш е поводот за насилниот напад врз еден маж во ресторан во Мелбурн минатата недела, објави австралискиот дневен весник Ејџ.
Полицијата отвори истрага откако тројца мажи нападнале маж во 20-ти години, по што избегале, оставајќи го со помали повреди на лицето и со скршен прст. Повредениот, кој е со грчко потекло, бил тепан по главата околу 40 секунди, а бил оштетен и неговиот автомобил.
Напаѓачите сѐ уште не се приведени во полиција, која располага со видеоснимки од тепачката.
Како што објавија локалните медиуми, напаѓачите и жртвата претходно биле на седницата на советот на околниот град Витлси, каде што имало најавено протест. Ова уследило откако градоначалничката на Витлси Емилија Лиза Стерјова објави фотографија на Фејсбук, на која таа танцува држејќи знаме со Вергина. Потоа градоначалничката го избришала статусот. Грчката заедница од локалната власт побарала во спорот да се вклучи и австралискиото министерство за надворешни работи, но барањето било одбиено.