Приватен авион се урна во куќи во Сан Диего во САД при магливо време, при што се запалија повеќе автомобили паркирани долж приградската населба и загинаа повеќе луѓе кои биле во авионот, кажаа властите. Бројот на жртвите засега не е потврден.
Авионот можел да прими од осум до десет луѓе, но засега не е позната точната бројка. Властите истражуваат дали авионот удрил во далновод.
При уривањето авионот удрил во најмалку една куќа, која се запалила, како и во неколку автомобили. Оштетени се десетина домови, но никој од жителите не бил превезен во болница. Околу 100 луѓе се евакуирани.
Властите на Сан Диего не објавија детали за авионот, но се верува дека бил „цесна“.