Лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен доби петгодишна забрана за вршење јавна функција откако денеска беше прогласена за виновна за проневера на европски пари. Оваа одлука веднаш стапува на сила, што значи дека таа нема да може да се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027.
Истовремено, Ле Пен е осудена на четири години затвор, од кои две условно, но нејасно е дали воопшто ќе помине некое време зад решетки или ќе добие некои ограничувања на слобода. Изречена ѝ е и парична казна од 100.000 евра.
На судењето во ноември, Ле Пен и 24 други функционери, европратеници и помошници од партијата Национален собир беа обвинети дека земале пари од Европскиот парламент како дел од измама со лажни работни места. Наместо парите да се трошат за персонал во ЕУ, тие ги користеле за плаќање партиски персонал во Франција.
„Тие не ги ставале парите во свој џеб, туку ги користеле европските фондови за потребите на партијата. Истрагата покажа дека тоа не биле административни грешки, туку проневера во рамките на системот со цел да се намалат трошоците на партијата“, кажа судијата Бенедикт де Пертуи.
Весникот „Либерасион“ објави дека биле пронајдени докази за повеќе од 40 фиктивни договори за период од 12 години, чија вкупна вредност е околу 4,6 милиони евра. Ле Пен на судењето негираше дека направила и најмали нерегуларности.
Таа важеше за фаворитка на следните претседателски избори во Франција. Анкета објавена викендов покажа дека Ле Пен има поддршка од дури 37% гласачи.