Меланија Трамп се закани дека ќе го тужи синот на Џо Бајден и ќе бара отштета од милијарда долари откако тој тврдеше дека Доналд Трамп ја запознал преку сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстајн. Адвокатите на првата дама на САД го опишаа тврдењето на Хантер Бајден како „лажно, омаловажувачко, клеветничко и провокативно“.
Во интервју дадено овој месец, Хантер Бајден жестоко ги критикуваше врските на Трамп со Епстајн. Тие биле пријатели, но Трамп неодамна кажа дека се скарале во почетокот на 2000-тите зашто Епстајн му ги крадел девојките кои работеле во неговиот голф клуб во Флорида.
Адвокатите на Меланија Трамп велат дека таа бара од Бајден да го повлече своето тврдење и да се извини или ќе се соочи со тужба од милијарда долари.
„Првата дама претрпе огромна штета по својот углед поради неговото тврдење. Хантер Бајден има долга историја на тргување со имиња на други и го повторува тврдењето за да привлече внимание кон себе“, стои во писмото на адвокатите на Трамп до правниот тим на Бајден.
За време на опсежно интервју со режисерот Ендрју Калахан, Хантер Бајден тврдеше дека необјавените документи поврзани со Епстајн би го имплицирале претседателот Трамп.
„Епстајн ја запозна Меланија со Трамп, врските се толку широки и длабоки“, кажа Бајден.
Нема докази дека двајцата се запознале преку Епстајн, кој си го одзеде животот во затвор додека чекаше судење во 2019. Меланија и Доналд Трамп се венчаа во 2005.