Високите претставници на ЕУ постојано ја притискаат Велика Британија за брз излез за да го избегнат периодот на неизвесност за другите членки на ЕУ, но на официјален Лондон не му се брза. И германската канцеларка Ангела Меркел побара од останатите 27 земји-членки на ЕУ да се воздржат од избрзани одлуки кои само ќе создадат понатамошни поделби.
Мартин Шулц, претседателот на Европскиот парламент побара од Велика Британија до вторник и официјално да поднесе барање за излез од ЕУ, по гласањето за излез од блокот. Тој за весникот „Билд ам Зонтаг” рече: “Сега очекуваме да реагира британската влада. Самитот во вторник е вистински момент за тоа”.
Но, победниците во Велика Британија кои ја водеа кампањата за излез велат дека нема потреба од брзање за да се активира Член 50 од Договорот од Лисабон со што ќе почне двегодишниот процес за нови преговори за трговијата, бизнисот и политичките врски меѓу Велика Британија и ЕУ.
Шкотската премиерка Никола Старџен рече дека Парламентот на Шкотска можеби може да ја спречи Велика Британија да излезе од Европската унија. Таа за “Би-Би-Си” изјави дека од Парламентот на Шкотска ќе побара да не даде согласност за излез на Велика Британија од ЕУ.
Германската канцеларка Ангела Меркел држејќи се до испробаниот методски пристап од нејзиното долгогодишно искуство, побара од останатите 27 земји-членки на ЕУ да се воздржат од избрзани одлуки само ќе создадат понатамошни поделби. Таа ги покани своите колеги од Франција и Италија, другите две најголеми земји-членки, утре во Берлин да се сретнат со неа и со Доналд Туск, претседателот на ЕУ.
Американскиот државен секретар Џон Кери утре ќе ги посети Брисел и Лондон. Тој во Брисел ќе се сретне со еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини, а во Велика Британија ќе има средба со секретарот за надворешна политика Филип Хамонд.