Моџтаба Хамнеи вчера стана третиот врховен водач на Иран од Исламската револуција во 1979, наследувајќи го својот татко Али Хамнеи, кој беше на власт од 1989.
Али Хамнеи беше убиен на 28 февруари, на првиот ден од американско-израелските напади врз Иран, кој ја призна неговата смрт следниот ден. Покрај татко му, во овој напад загинаа и мајката, сестрата, сопругата и синот на Моџтаба Хамнеи, за кого Израел после неколку дена потврди дека преживеал.
Како свештеник од среден ранг, Моџтаба Хамнеи не е носител на титулата ајатолах, која им следува само на вишите свештеници. Сепак, ваков преседан веќе беше направен, па неговиот татко експресно беше промовиран во ајатолах откако беше избран за врховен водач во 1989.
Моџтаба никогаш не бил на јавна функција и никогаш не давал јавни говори и интервјуа, но долги години се шпекулираше дека има огромно влијание во позадината на татко му. Неговото име првпат се појави во јавност во 2005, кога го обвинуваа за мешање во претседателските избори во полза на Махмуд Ахмадинеџад, кој беше поддржан од Револуционерната гарда.
Со истите обвинувања се соочи и четири години подоцна, кога повторниот избор на Ахмадинеџад доведе до масовни протести во земјата.
Неговиот избор за врховен водач може да се покаже како контроверзен. Исламската Република е основана во 1979 година откако монархијата беше соборена и нејзината идеологија се заснова на принципот дека врховниот водач треба да се избере поради неговите религиозна положба и докажано лидерство, а не преку наследство. За време на неговото владеење, Али Хамнеи зборуваше само општо за идното раководство на Иран.
Еден член на иранското Собрание на експерти, свештеничкото тело кое го избира врховниот водач, пред две години рече дека Али Хамнеи се спротивставил на идејата неговиот син да биде кандидат за иден водач.
Иако делуваше во сенка цело време, 56-годишниот Моџтаба Хамнеи важеше за исклучително влијателна и моќна личност, со силни врски со Иранската револуционерна гарда и се верува дека тој ќе продолжи со тврдокорните политики на татко му.



