Русија кажа дека сите треба да бидат „многу, многу внимателни“ во врска со нуклеарната реторика, одговарајќи на изјавата на Доналд Трамп дека наредил преместување на две американски нуклеарни подморници. Во својата прва јавна реакција на коментарите на Трамп, Кремљ го намали значењето на неговиот потег и рече дека не сака да влезе во јавна расправија со него.
Трамп во петокот објави дека наредил две нуклеарни подморници да бидат преместени во „соодветните региони“ како одговор на провокативните изјави на бившиот руски претседател Дмитри Медведев.
„Во овој случај, очигледно е дека американските подморници веќе се на борбена должност. Ова е тековен процес, тоа е првото нешто. Но, не би сакале да коментираме за тоа на кој било начин. Веруваме дека сите треба да бидат многу, многу внимателни со нуклеарната реторика“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Ова е деликатен момент во односите помеѓу двете суперсили, откако Трамп се закани дека ќе воведе нови санкции за Русија и за купувачите на нејзината нафта доколку Владимир Путин не се согласи до 8 август да ја заврши војната во Украина. На овие ултиматуми реагираше и Медведев, велејќи дека Америка ризикува да се вклучи во војната.
„Трамп игра игра на ултиматуми со Русија. Тој би требало да запомни две работи: прво Русија не е Израел, ниту Иран и второ, секој нов ултиматум е закана и чекор поблиску до војна. Не помеѓу Русија и Украина, туку со неговата земја“, кажа Медведев минатата недела.
Путин викендов изјави дека имало одреден позитивен напредок во мировните преговори, но дека Русија има моментум во војната, сигнализирајќи дека нема промена во неговата позиција, и покрај рокот поставен од Трамп.
Трамп изјави дека оваа недела пак ќе го испрати својот претставник Стив Виткоф во Русија, кој имал долги разговори со Путин при претходните посети, но не успеал да го убеди да прифати прекин на огнот.