Израелската шпионска агенција Мосад поставила експлозив во 5.000 пејџери што Хезболах ги увезол неколку месеци пред вчерашните детонации, изјави извор од либанската безбедносна служба. Операцијата беше досега невиден безбедносен пробив за Хезболах, откако илјадници пејџери беа детонирани низ Либан, при што загинаа најмалку деветмина луѓе, а речиси 3.000 се повредени, вклучувајќи бројни борци на групата и иранскиот амбасадор во Бејрут.
Извор од либанската безбедносна служба кажа дека пејџерите биле од тајванската компанија „Голд Аполо“, но таа соопшти дека не ги произвела уредите, туку фирмата „БАЦ“ од Европа, која има лиценца да го користи нејзиниот бренд.
Иран го обвини Израел и вети дека ќе се одмазди. Израелската војска досега не излезе со коментар.
Неколку извори кажаа дека операцијата веројатно била планирана со месеци. Извор од либанската безбедносна служба кажа дека Хезболах нарачал 5.000 пејџери од „Голд Аполо“, кои биле внесени во Либан во почетокот на оваа година.
„Производот не беше наш, само го имаше нашето име на него“, изјави основачот на „Голд Аполо“, Хсу Чинг-Кванг.
Хезболах почна да користи пејџери како средсто за комуникација за да избегне следење на локацијата, што го овозможуваат мобилни телефони, откако на тој начин биле убиени околу 170 негови припадници. Сепак, либански извори велат дека уредите биле модифицирани од Мосад уште за време на производството.
„Мосад вклучил експлозивен материјал во внатрешноста на уредот кој реагира на шифра. Многу е тешко да се открие на кој било начин, дури и со кој било уред или скенер. 3.000 пејџери експлодирале кога им била испратена шифрирана порака“, вели изворот.
Друг извор изјави дека во пејџерите биле скриени до три грама експлозив, што со месеци не било детектирано од Хезболах.