Чанта на американската министерка за внатрешна безбедност (ДХС) Кристи Ноем, во која имало 3.000 долари во готовина, била украдена додека таа била на вечера во ресторан во Вашингтон. Ноем потврди дека била цел на грабеж, додавајќи дека случајот и натаму не е решен.
Покрај парите, во чантата имало и лични предмети на Ноем, вклучувајќи возачка дозвола, пасош и значка на ДХС.
Некогашната гувернерка на Јужна Дакота вечерала во популарниот ресторан „Капитал бургер“, при што чантата ѝ била до нозете под масата, објави Си-Би-Ес. Тајната служба покренала истрага за инцидентот.
Како и останатите владини функционери, и Ноем ја штити Тајната служба и членови на безбедносниот тим биле во ресторанот во моментот на кражбата, изјавија властите за Си-Би-Ес.