Гренланд нема потреба од медицинска помош од други земји, изјави денеска данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека испраќа болнички брод на оваа данска територија. Според Поулсен, населението на Гренланд ја добива потребната здравствена заштита или на самиот остров или во Данска кога станува збор за специфични лекувања.
Трамп претходно на својата платформа „Трут Соушл“ напиша дека САД ќе испратат голем медицински брод за да се грижи за болните на Гренланд кои, според него, биле запоставени. Тој додаде дека бродот е веќе на пат, повторувајќи ги своите заложби за поголема американска контрола врз островот од безбедносни причини.
Данската премиерка Мете Фредериксен реагираше на ваквите тврдења преку социјалните мрежи, посочувајќи дека во Данска и на Гренланд пристапот до здравство е бесплатен и еднаков за сите. Таа рече дека во овој систем осигурувањето и богатството не се пресудни за квалитетот на третманот на пациентите.
Министерот Поулсен вели дека не е информиран за евентуалното пристигнување на американскиот брод и ги оцени објавите на Трамп како дел од новиот начин на водење меѓународна политика преку социјалните мрежи. На Гренланд функционираат пет регионални болници, а неодамна локалните власти потпишаа договор со Копенхаген за дополнително подобрување на третманот на пациентите.
Вчера, данската Арктичка команда евакуираше член на екипажот на американска подморница во близина на брегот на Нук, откако морнарот побарал итна медицинска помош која му била овозможена од локалните капацитети.



