Поранешниот француски претседател Никола Саркози остана без орденот Легија на честа, највисокото одликување во земјата, откако лани му беше потврдена пресудата за корупција.
Конзервативниот претседател, кој имаше еден мандат, се соочи со правни проблеми откако ја напушти функцијата во 2012. Во декември, највисокиот суд во Франција ја потврди неговата пресуда за злоупотреба на влијание и корупција, наредувајќи му да носи електронски уред на глуждот 12 месеци.
Понизок суд во 2021 го прогласи Саркози за виновен за обид за поткуп на судија и за злоупотреба на влијание во замена за доверливи информации за истрагата за финансирањето на неговата кампања во 2007. Саркози се жалеше во Европскиот суд за човекови права, кој досега нема донесено одлука.
Емануел Макрон се побуни за одлуката да му се одземе орденот на Саркози, но правилата за највисокото државно одликување на Франција предвидуваат исклучување од редот на секој носител на орденот кој бил осуден на затворска казна од најмалку една година.
Орденот претходно им беше одземен на бившиот француски претседател Филип Петен поради соработка со нацистите, поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, седумкратниот победник на Тур де Франс, Ленс Армстронг, за кого беше утврдено дека користел допинг и на филмскиот продуцент Харви Вајнстин.