НАД 100 УБИЕНИ ВО ВОЗДУШНИТЕ НАПАДИ ВРЗ ЛИБАН, ИЗРАЕЛ ВЕЛИ ДЕКА ПОГОДИЛ 300 ЦЕЛИ НА ХЕЗБОЛАХ

    НАД 100 УБИЕНИ ВО ВОЗДУШНИТЕ НАПАДИ ВРЗ ЛИБАН, ИЗРАЕЛ ВЕЛИ ДЕКА ПОГОДИЛ 300 ЦЕЛИ НА ХЕЗБОЛАХИзраелската војска утрово го почна најобемниот напад врз Хезболах од почетокот на војната во Газа (Фото: АП)

    Либанското министерство за здравство објави дека најмалку 100 луѓе се убиени во денешните израелски воздушни напади врз села и градови во јужен Либан. Покрај тоа, повеќе од 400 луѓе се ранети, меѓу нив жени и деца.

    Израелската војска утрово го почна најобемниот воздушен напад врз Хезболах од почетокот на војната во Газа, што уследи откако Израел ги предупреди цивилите да ги напуштат куќите и зградите каде што оваа вооружена група чува оружје.

    „Ги продлабочуваме нашите напади во Либан, акциите ќе продолжат додека не ја постигнеме нашата цел за безбедно враќање на израелските граѓани на северот на земјата. Ова се денови кога израелската јавност мора да покаже смиреност“, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

    Покрај југот на Либан, Израел напаѓа цели и во источната област Бека и во северниот регион близу Сирија. Портпаролот на израелската војска Авишај Адрае изјави дека се погодени над 300 мети на Хезболах, кој кажа дека возвратил со ракетни напади врз израелски воени позиции.

    „Израелските воздушни напади се геноцид во секоја смисла на зборот. Целта на нападите е да се уништат либански села и градови“, изјави либанскиот премиер Наџиб Микати.

    Жестоките воздушни удари врз Либан се продолжение на настаните од минатата недела, кога прво беше нападната комуникациската мрежа на Хезболах, а потоа беа убиени двајца високи заповедници на групата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира