Либиската организација на Црвената полумесечина објави дека бројот на загинати во катастрофалните поплави во Дерна порасна на 11.300, а уште 10.100 се водат како исчезнати. Вистинските размери на катастрофата и натаму се непознати, откако големи делови од Дерна беа збришани од воден бран налик на цунами, предизвикан од пукањето на две брани среде бурата Даниел, која во неделата ја погоди земјата.
Официјални лица кажаа дека 30.000 луѓе останале без дом, додека јавниот обвинител побара да се спроведе итна истрага за тоа како дошло до така уништувачка поплава. Многумина Либијци обвинуваат дека една од причините е лошото одржување на инфраструктурата.
Светската метеоролошка организација кажа дека најголем дел од жртвите можеле да се избегнат доколку жителите навреме биле предупредени и имале можност да избегаат. Место тоа, локалните власти им сугерирале на луѓето да останат во своите домови додека дождовите се засилувале и дури вовеле полициски час.
Градоначалникот на Дерна, Абдулменам ал-Гаити, верува дека околу 20.000 луѓе загинале, додека морето продолжува да исфрла тела.
Бурата Даниел донесе 400 милиметри дожд за 24 часа во некои делови од североистокот на Либија, во услови кога нормалните врнежи во септември изнесуваат само 1,5 милиметри.