НАД 200 УЧЕНИЦИ КИДНАПИРАНИ ОД КАТОЛИЧКО УЧИЛИШТЕ ВО НИГЕРИЈА

    НАД 200 УЧЕНИЦИ КИДНАПИРАНИ ОД КАТОЛИЧКО УЧИЛИШТЕ ВО НИГЕРИЈАПолицијата соопшти дека вооружени бандити упаднале во училиштето околу 02:00 часот по полноќ и ги грабнале учениците од нивниот интернат. (Фото: Христијанска асоцијација на Нигерија)

    Вооружени напаѓачи киднапираа повеќе од 200 ученици од католичко училиште во централна Нигерија во петокот, што е второ масовно киднапирање на училиште во земјата оваа недела.

    Најновиот напад бил насочен кон училиштето „Света Марија“ во Папири, државата Нигер. Христијанската асоцијација на Нигерија соопшти дека за време на упадот во раните утрински часови биле однесени 215 ученици и 12 вработени.

    Полицијата соопшти дека вооружени бандити упаднале во училиштето околу 02:00 часот по полноќ и ги грабнале учениците од нивниот интернат.

    „Сите се исплашени, ова ги изненади сите. Луѓето се жалат на безбедносната состојба во нашата земја“, изјави локалниот жител Доминик Адаму за „Би-Би-Си“.

    Властите во државата Нигер веќе имале издадено наредба за привремено затворање на сите интернати поради зголемените безбедносни закани. Тие го обвинија училиштето дека ја игнорирало наредбата.

    „За жал, училиштето продолжи со работа без да ја извести или да побара дозвола од државната влада, со што ги изложи учениците и персоналот на ризик што можеше да се избегне“, се вели во соопштението на властите.

    Нигерија се соочува со нов бран напади од вооружени групи. Во понеделникот беа киднапирани над 20 ученички од интернат во соседната држава Кеби, за кои се верува дека се муслиманки. Претходно беше нападната и црква во државата Квара, каде загинаа две лица, а 38 беа киднапирани додека службата се емитувала онлајн.

    Поради влошената безбедносна состојба, претседателот Бола Тинубу ги одложи своите патувања во странство, вклучително и учеството на самитот на Г20 во Јужна Африка овој викенд.

    Нападот доаѓа по тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека христијаните се прогонувани во Нигерија. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, на средба со нигерискиот советник за национална безбедност, побара итна акција за запирање на насилството врз христијаните.

    Нигериската влада ги отфрла овие обвинувања како погрешно прикажување на реалноста, нагласувајќи дека терористите ги напаѓаат сите што ја отфрлаат нивната идеологија, без разлика дали се муслимани или христијани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира