Двајца мажи се осудени на по четири години и три месеци затвор зашто го исекле популарното британско дрво Сикамор Геп, омилено и светски познато обележје, кое се појави и во холивудски филм.
Јаворот, чија старост беше проценета на речиси 200 години, стоеше во центарот на драматично продлабочување покрај историскиот Адријанов ѕид во северна Англија, што го правеше популарно место за фотографи, планинари, па дури и за запросувања.
Даниел Грем (38) и Адам Карутерс (32) беа прогласени за виновни минатиот месец. Тие заминале од своите домови среде ноќ во септември 2023 со намера да го исечат дрвото со моторна пила. Притоа го снимиле делото со телефонот на Грем и потоа се фалеле со тоа, поради што обвинителите ја опишаа нивната мисија како „моронска“. Нивната постапка предизвика голем јавен гнев.
Грем и Карутерс во прв момент ја негираа својата вмешаност во сечењето на дрвото, кое се појави во комедијата „Робин Худ: Принцот на крадците“. Тие притоа оштетиле и дел од ѕидот изграден од Римјаните пред речиси 2.000 години. Двајцата подоцна ја признаа одговорноста, велејќи дека тоа била пијана глупост.
Добротворната организација која се грижи за локалитетот минатиот август кажа дека дрвото би можело да опстане зашто има знаци на живот во неговата основа.