Најмалку 13 луѓе загинаа во руски воздушен напад на Чернигов во северна Украина. Претседателот Володимир Зеленски кажа дека над 60 луѓе се ранети во нападот во кој била погодена осумкатна зграда во густо населен дел од градот.
Официјални лица кажаа дека три проектили паднале близу центарот на градот.
Овој напад уследи неколку часа по извештаите за украински напад врз руски воен аеродром во градот Џанкој на окупираниот полуостров Крим. Локални канали на Телеграм објавија видео од пожар на аеродромот.
Градоначалникот на Чернигов, Олександр Ломако, изјави дека една зграда била директно погодена, при што биле оштетени неколку спрата. Чернигов е оддалечен 100 километри од руската граница и беше окупиран од руските сили неколку недели на почетокот на војната додека тие се обидуваа да влезат во Киев.