Најмалку 25 луѓе се убиени, а 20 ранети во украинско гранатирање на градот Доњецк, кој е под контрола на Русија, изјави регионалниот гувернер Денис Пушилин, кој е назначен од Москва. Според градоначалникот Алексеј Кулемзин, украинските сили гранатирале прометна област каде што се сместени продавници и пазар.
Пушилин кажа дека Украинците го нападнале градот со артилерија, додавајќи дека дополнително ќе се испита какви оружја биле користени. Киев засега не го коментираше нападот.
На фотографиите и видеоснимките што ги објави агенцијата „Ројтерс“ се гледаат тела како лежат покрај еден од пазарите во градот.
Доњецк е оддалечен само 20 километри од линијата на фронтот и во неговата близина се водеа некои од најжестоките борби во изминатите месеци, особено кај Авдивка и Маринка.