Четворица луѓе загинаа, а неколкумина се водат како исчезнати по експлозија во хидроелектрана во северна Италија. Експлозијата се случила подводно во езерото Сувијана, 70 километри од Болоња. Погодената област се наоѓа 30 метри под површината на езерото.
Градоначалникот на соседниот град Камуњано, Марко Мазинара, изјави дека најверојатно избувнал пожар за време на работите на одржувањето.
„Ова е многу сериозен инцидент. Спасувачите имаат проблем да пристапат до местото на несреќата“, изјави Мазинара, додавајќи дека загинатите работници се на возраст од 35 до 73 години.
Градоначалникот на Болоња, Матео Лепоре, кажа дека избувнал пожар откако експлодирала турбина на осмиот кат под површината, по што целиот спрат бил поплавен. Спасувачите успеале да стигнат само до седмиот кат и не можат да допрат до тројца луѓе кои се заглавени уште подолу. Неколкумина луѓе се префрлени во болница со сериозни изгореници.
„Ова е една од најтешките трагедии на работно место во поновата историја на Италија. Нема да запреме додека не ги најдеме исчезнатите луѓе“, изјави Лепоре.