Највисоките американски и израелски генерали одржаа разговори во Пентагон среде растечките тензии со Иран, изјавија американски функционери. Тие не понудија детали за разговорите зад затворени врати, на кои присуствувале шефот на генералштабот на американската војска генералот Ден Кејн и шефот на вооружените сили на Израел, Ејал Замир. Состанокот не бил најавен претходно.
САД испратија воени бродови и ја засилија својата противвоздушна одбрана на Блиски Исток, додека Доналд Трамп постојано му се заканува на Иран со воена акција поради бруталното задушување на антивладините протести и го притиска да се врати на преговарачка маса.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац се сретна со Замир по неговите разговори во Вашингтон за да ги разгледаат ситуацијата во регионот и оперативната подготвеност на израелската војска за секое можно сценарио, кажаа од кабинетот на Кац.
Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хаменеи предупреди дека секој напад врз Иран би можел да доведе до регионална војна.
„Американците би требало да знаат дека ако започнат војна, овојпат тоа ќе биде регионална војна. Трамп постојано вели дека донел бродови, но иранската нација не се плаши од овие работи“, порача Хаменеи.
Трамп викендов кажа дека Иран е во сериозни разговори со САД, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека е убеден оти може да се постигне договор за иранската нуклеарна програма.
„За жал, ја изгубивме довербата во САД како партнер во преговорите, но размената на пораки преку пријателски земји во регионот олеснува плодни разговори со Вашингтон“, кажа Аракчи.



