НАПАЃАЧОТ ОД ЊУ ОРЛЕАНС БИЛ ИНСПИРИРАН ОД ИСЛАМСКА ДРЖАВА И МОЖЕБИ ИМАЛ ПОМАГАЧИ, БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ПОРАСНА НА 15

    НАПАЃАЧОТ ОД ЊУ ОРЛЕАНС БИЛ ИНСПИРИРАН ОД ИСЛАМСКА ДРЖАВА И МОЖЕБИ ИМАЛ ПОМАГАЧИ, БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ПОРАСНА НА 15Напаѓачот беше убиен во престрелка со полицијата откако со камионет се заби во поголема група луѓе (Фото: АП)

    Бројот на починати во вчерашниот напад со камионет во Њу Орлеанс порасна од десет на 15 и властите кажаа дека напаѓачот можеби имал помагачи. Во возилото со кое беше извршен нападот е пронајдено знаме на Исламска држава.

    Напаѓачот е идентификуван како Шамсуд-Дин Џабар, 42-годишен американски државјанин и воен ветеран. Тој беше убиен во престрелка со полицијата откако со камионет „форд“ со голема брзина се заби во поголема група луѓе кои славеле Нова година во историскиот Француски Кварт. Во нападот се повредени 30-ина луѓе, вклучувајќи двајца полицајци.

    Полицијата кажа дека пронашла оружја и можна експлозивна направа во возилото, како и две можни експлозивни направи во Францускиот Кварт, кои се онеспособени.

    Знаме на Исламска држава беше прикачено на изнајменото возило, што поттикна истрага за можни врски со терористички организации. Не веруваме дека Џабар дејствувал сам. Агресивно ги следиме сите траги, вклучувајќи ги неговите познати соработници. Се спроведуваат претреси на повеќе локации во Њу Орлеанс и во други сојузни држави“, кажа ФБИ.

    Полицијата кажа дека најголемиот дел од жртвите се локални жители и меѓу нив се 18-годишна девојка и мајка на четиригодишно дете.

    Џо Бајден го осуди нападот, додека Доналд Трамп ги критикуваше американските власти и агенциите за спроведување на законот, велејќи дека се неделотворни.

    ФБИ ме извести дека неколку часа пред нападот, напаѓачот објавил видеа на социјални мрежи во кои дал назнаки дека е инспириран од Исламска држава и изразил желба да убие“, кажа Бајден.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира