„НАЦИСТИ, НЕ БЛАГОДАРАМ“ – ГЕРМАНЦИТЕ НА ПРОТЕСТИ БАРААТ ЗАБРАНА НА АФД, ЧИИ ЧЛЕНОВИ РАЗГОВАРАЛЕ ЗА МАСОВНИ ДЕПОРТАЦИИ НА СТРАНЦИ

    „НАЦИСТИ, НЕ БЛАГОДАРАМ“ – ГЕРМАНЦИТЕ НА ПРОТЕСТИ БАРААТ ЗАБРАНА НА АФД, ЧИИ ЧЛЕНОВИ РАЗГОВАРАЛЕ ЗА МАСОВНИ ДЕПОРТАЦИИ НА СТРАНЦИПредлогот за депортација на „неасимилираните граѓани“ ја вознемири Германија (Фото: ЕПА)

    Протестите против крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) земаат замав откако се дозна дека двајца високи функционери на партијата присуствувале на состанок на кој се разговарало за масовни депортации на граѓаните со странско потекло.

    Иако оваа партија долго време се бори против имиграцијата, предлогот за депортација на „неасимилираните граѓани“ во северна Африка, што прв го објави истражувачкиот медиум „Коректив“, ја вознемири Германија. Некои го споредија ова со првичниот нацистички план за депортација на европските Евреи во Мадагаскар.

    „Линијата одамна е премината“, изјави еден демонстрант на протестот во Келн, каде што многумина бараа забрана на АфД.

    Тоа беше последниот во серијата протести на кои излегоа илјадници луѓе, а кои почнаа откако се прошири веста за озлогласениот состанок минатата недела. На некои од нив се приклучија и канцеларот Олаф Шолц и министерката за надворешни работи Аналена Бербок.

    АфД, која е на второто место во националните анкети, негираше дека плановите за депортација се дел од нејзината политика. Една од лидерките на АфД, Алис Вајдел, се раздели од свој советник кој присуствувал на состанокот близу Берлин. Сепак, шефот на германската разузнавачка агенција Томас Халденванг предупреди дека во рамките на АфД има екстремистичко движење, кое е под надзор.

    „Нацисти, не благодарам!“, „Се чувствува како да е 1933“, се дел од транспарентите кои беа истакнати на протестот во Берлин во петокот. Таму исто така се бараше забрана на АфД.

    „Секој кој има германско државјанство без сомнение ѝ припаѓа на германската нација. И токму затоа, германското државјанство не може да се продава евтино и да се дели наголемо“, изјави Вајдел.

    Нема докази дека извештајот на „Коректив“ ја намалил поддршката за АфД, која одлично котира во пресрет на изборите за Европскиот парламент.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира