Израелската војска евакуира 28 населени места близу границата со Либан поради засилените тензии со милитантите на Хезболах. Израелски цивил и војник загинаа во неделата откако од Либан биле испукани противтенковски проектили, на што израелската војска одговори со гранатирање на локации на Хезболах.
Оваа група располага со проектили со долг дострел со кои може да изведува напади длабоко на територијата на Израел.
„Се надевам дека нема да мора да војуваме и со Хезболах, но ги правиме сите потребни подготовки“, изјави еден од лидерите на опозицијата Бени Ганц, кој влезе во новата влада на Израел.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека спроведуваат итен план за евакуација на сите цивили кои живеат на просторот до два километри од границата со Либан. Дел од жителите си заминале пред да биде донесена ваква одлука.
ИДФ распоредија дополнителни десетици илјади војници на границата со Либан, но министерот за одбрана Јоав Галант кажа дека на Израел не му се војува и на северот.
Хезболах денеска објави дека неговите борци нападнале пет израелски погранични пункта и дека притоа биле користени разни видови оружје. Премиерот Нетанјаху ги предупреди Хезболах и неговиот поддржувач Иран дека ќе платат висока цена ако се вмешат во војната.
„Не нѐ тестирајте на северот! Не ги повторувајте грешките од минатото. Цената што ќе ја платите ќе биде уште повисока“, кажа тој.