Москва го поздравува фактот што Украина ги изнесе своите барања за крај на војната написмено, но сè уште не гледаме напредок во мировните преговори, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Тој вели дека засега нема ништо навистина ветувачко и дека претстои уште многу работа.
На вчерашните преговори во Истанбул, Украина предложи да има неутрален статус во замена за добивање безбедносни гаранции, што значи дека се откажува од влегување во воени сојузи, како НАТО. Меѓу предлозите е да има 15-годишен консултациски период за статусот на полуостровот Крим, што Русија го анектираше во 2014.
„Крим е дел од Русија. Рускиот устав ја исклучува можноста да се разговара за судбината на кој било руски регион“, кажа Песков.
Во знак на добра волја, Русија објави дека ќе ги намали своите воени активности околу Киев и Чернигов, чиј градоначалник Владислав Атрошенко кажа дека ноќеска имало жестоки напади на градот.
„Тоа е уште една потврда дека Русија секогаш лаже. Во последните напади се ранети 25 цивили“, кажа Атрошенко.