НЕМА ЖРТВИ И ГОЛЕМИ ШТЕТИ НА КАМЧАТКА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ОД 8,8 СТЕПЕНИ, ХАВАИ ВЕЌЕ НЕ ОЧЕКУВА ГОЛЕМО ЦУНАМИ

    НЕМА ЖРТВИ И ГОЛЕМИ ШТЕТИ НА КАМЧАТКА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ОД 8,8 СТЕПЕНИ, ХАВАИ ВЕЌЕ НЕ ОЧЕКУВА ГОЛЕМО ЦУНАМИДенешниот земјотрес е меѓу осумте најсилни регистрирани од 1900 година

    Руските власти кажаа дека нема значајни штети на полуостровот Камчатка, покрај чиј брег утрово бил регистриран моќен земјотрес од 8,8 степени според Рихтерова скала, што доведе до предупредување за цунами во делови на САД, Јапонија, Кина, Перу, Еквадор и во некои пацифички островски држави. Главниот град на Камчатка, Петропавловск-Камчацки, е сместен на брегот на заливот Авача, кој е заштитен од бранови.

    Рускиот Институт за океанологија кажа дека цунами брановите би можеле да бидат високи до 10-15 метри во некои делови на брегот на Камчатка, а брановите кои го погодиле и поплавиле градот Северо-Курилск биле високи до шест метри. И Камчатка и Курилските Острови се ретко населени.

    Геолошкиот институт на САД објави дека земјотресот се случил на длабочина од 19,3 километри, а епицентарот бил 119 километри југоисточно од Петропавловск-Камчацки, кој има 165.000 жители. По главниот земјотрес уследила серија афтершокови со јачина до 6,9 степени.

    Денешниот земјотрес е меѓу осумте најсилни регистрирани од 1900 година и еден од четирите најсилни во овој век. Засега нема информации за жртви. Руските власти кажаа дека има неколкумина повредени на Камчатка, но сите се во стабилна состојба.

    Јапонија првично препорача евакуација на речиси два милиона луѓе од над 220 општини на брегот на Тихиот Океан. Три цунами брана биле регистрирани во Јапонија, од кои најголемиот бил висок 1,3 метри, соопштија официјални лица.

    Гувернерот на Хаваи, Џош Грин, изјави дека на атолот Мидвеј, кој се наоѓа меѓу Јапонија и Хаваи, биле измерени цунами бранови од 1,8 метри, додека Националната метеоролошка служба на САД кажа дека најлошото помина и го намали предупредувањето за цунами на ниво на препорака.

    „Ова значи дека постои можност за силни бранови, мали поплави и силни струи, но не се очекува големо цунами. Евакуираните можат да се вратат дома“, вели директорот на Хавајската агенција за управување со вонредни состојби, Стивен Логан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира