Семејствата на израелските заложници кои сè уште ги држи Хамас изјавија дека премиерот Бенјамин Нетанјаху е „единствената пречка“ што го спречува нивното враќање и постигнување мировен договор. Форумот „Заложници и исчезнати семејства: Вратете ги дома сега“ напиша на социјалните медиуми дека нападот на Израел врз Катар минатата недела покажува оти „секојпат кога се приближува договор, Нетанјаху го саботира“.
Коментарите на групата следат откако Израел изврши напад врз високи лидери на Хамас во главниот град на Катар, Доха во кој, според Хамас, загинаа петмина негови членови и еден катарски безбедносен службеник. Вчера, Нетанјаху рече дека ослободувањето од лидерите на Хамас во Катар „ќе ја отстрани главната пречка“ за ослободување на заложниците и завршување на војната. Тој, исто така, го обвини Хамас дека ги блокира сите обиди за прекин на огнот со цел да ја продолжи војната во Газа.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, вчера дојде во Израел и треба да се сретне со Нетанјаху, додека Израел се соочува со глобална осуда за нападот.
Сепак, семејствата на заложниците го сметаат одговорот на израелскиот премиер како „најнов изговор за неуспехот да се вратат дома“ нивните најблиски.
„Целната операција во Катар докажа без сомнение дека постои една пречка за враќање на 48-те заложници и завршување на војната: премиерот Нетанјаху“, рекоа тие. „Дојде време да се стави крај на изговорите наменети за купување време за да може да се држи до власта“. Групата додаде дека „одложувањето“ на Нетанјаху чинеше „животи на 42 заложници и ги загрозува животите на дополнителни заложници кои едвај преживуваат“.
Пред неговото заминување, Рубио рече дека американскиот претседател Доналд Трамп не е задоволен од нападот врз Катар, но нагласи дека односите меѓу САД и Израел се „многу силни“.
„Очигледно не сме задоволни од тоа, претседателот не беше задоволен од тоа. Сега треба да продолжиме напред и да сфатиме што следи“, рече Рубио. Тој додаде дека приоритет на Трамп останува враќањето на сите заложници и крајот на војната во Газа.
На прашањето дали нападот врз Доха ја комплицира подготвеноста на Катар да соработува со САД, Рубио рече дека „тие биле добри партнери на повеќе фронтови“.
Катар е клучен сојузник на САД во регионот и локација на голема американска воздухопловна база.