Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) потврди дека во првите денови на израелските воздушни напади биле оштетени две ирански нуклеарни постројки, каде што се врши збогатување ураниум. Иако Иран тврди дека збогатува ураниум исклучиво за цивилни намени, Израел смета дека неговата цел е производство на атомска бомба.
„Израел делуваше зашто ако Иран не се запре, може да произведе нуклеарно оружје за многу кратко време. Тоа би можело да биде за една година, но би можело да биде и за неколку месеци“, кажа Нетанјаху.
Израелската војска кажа дека собрала доволно разузнавачки информации кои покажуваат дека „иранскиот режим постигнал конкретен напредок во напорите да произведе компоненти за оружје приспособени за нуклеарна бомба“, што вклучува јадро од ураниум и иницијатор на неутронски извор за активирање на нуклеарна експлозија.
Келси Девенпорт, директорка во американското Здружение за контрола на вооружувањето, изјави дека Нетанјаху не понудил ниеден јасен или убедлив доказ дека Иран е на прагот на создавање атомска бомба.
„Иран со месеци не постигнуваше никаков напредок. Оценката дека Иран би можел да развие сурово нуклеарно оружје во рок од неколку месеци не е нова“, рече таа.
Девенпорт признава дека некои од иранските нуклеарни активности би биле применливи за развој на бомба, но американските разузнавачки агенции процениле дека Иран не работел на тоа поле. Во март, директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард, кажа дека залихите на збогатен ураниум во Иран се на највисоките нивоа и без преседан за држава без нуклеарно оружје.
„Сепак, американската разузнавачка заедница и натаму смета дека Иран не гради нуклеарно оружје и дека ајатолахот Али Хаменеи не ја одобрил програмата за нуклеарно оружје што ја прекина во 2003“, кажа Габард.
Минатата недела, ИАЕА соопшти дека Иран собрал доволно ураниум збогатен до 60% чистота за потенцијално да направи девет атомски бомби. Агенцијата не можеше да обезбеди гаранции дека иранската нуклеарна програма е исклучиво мирољубива затоа што Иран не соработувал во истрагата за вештачки честички ураниум откриени од инспекторите на три непријавени нуклеарни локации.
Иран го напушти „Проектот Амад“ за развој на нуклеарна бомба во 2003, иако продолжил со некои активности до 2009, кога западните сили ја откриле изградбата на подземната постројка Фордо. Во 2015, Иран постигна договор со шест светски сили, според кој ги прифати ограничувањата на своите нуклеарни активности и дозволи ригорозен мониторинг од страна на ИАЕА во замена за олеснување на санкциите. Клучните ограничувања се однесуваа на збогатување ураниум, кој се користи за производство на гориво за реактори, но и за нуклеарно оружје.
Откако Трамп ги повлече САД од договорот во 2018 и ги врати санкциите, Иран продолжи со збогатување ураниум, достигнувајќи чистота од 20% во постројката Фордо во 2021.