Норвешката полиција го уапси милионерот Том Хаген во врска со исчезнувањето на неговата сопруга пред 18 месеци.
„Хаген е осомничен за убиство и заговор за убиство“, објави полицијата.
Ане-Елизабет Хаген за последен пат била видена на 31 октомври 2018 во близина на својот дом во Осло, по што имаше тврдења дека е киднапирана. Полицијата кажа дека барањата за откуп што потоа се појавија веројатно биле лажни и дека постојат големи шанси дека таа е убиена.
На 70-годишниот Хаген, чие богатство е проценето на 200 милиони долари, му е одреден притвор од четири недели, но засега формално не е обвинет.
По исчезнувањето на Ане-Елизабет, нејзиното семејство кажа дека примило барања за откуп од десет милиони долари, и тоа во криптовалутата Монеро.
„Немало киднапирање, ниту некакви преговори. Имаме индикации дека тоа само имало за цел да ги излаже истражителите“, изјави полицискиот инспектор Томи Бреске.