Додека САД се ближат кон бројката од 100.000 починати од КОВИД-19, весникот „Њујорк тајмс“ ја исполни својата насловна страница со некролози посветени на американски жртви на вирусот.
Појаснувајќи дека целта на овој потег била да ги нагласат раширеноста и различноста на трагедијата, на насловната страница се наведени само имиња и лични податоци преземени од некролозите објавени низ САД.
„САД се ближат кон 100.000 мртви, непресметлива загуба. Тие не беа само имиња на листа, тие беа дел од нас“, напиша весникот во прилог на насловната страница.
Листата која продолжува и внатре во весникот содржи речиси 1.000 имиња, што е само мал дел од вкупната загуба на животи низ САД од почетокот на епидемијата. Според универзитетот Џонс Хопкинс, во САД досега починале 97.000 луѓе, убедливо најмногу на светот.