Колин Пауел, првиот црн државен секретар на САД, почина на 84 години од компликации од ковид-19, потврди неговото семејство. Пауел беше дел од администрациите на неколкумина републикански претседатели и помогна да се обликува надворешната политика на земјата на преминот од 20. во 21. век.
По кариерата на професионален војник, што го одведе и во Виетнам, каде што двапати бил ранет, Пауел кон крајот на мандатот на Роналд Реган стана првиот Афроамериканец на функцијата советник за национална безбедност. Неговата популарност во САД порасна за време на Заливската војна, при што многумина веруваа дека би можел да стане и првиот црн претседател.
Сепак, неговиот углед засекогаш беше нарушен кога како државен секретар под Џорџ Буш Помладиот форсираше неточни разузнавачки податоци врз кои се базираше американската инвазија во Ирак.
„Нема никакви сомнежи дека Садам Хусеин поседува биолошко оружје и способност да произведе уште“, кажа Пауел во говорот во Обединетите нации во 2003, што беше оспорено по само две години од самата американска влада.
Тој подоцна призна дека тоа била голема дамка во неговата биографија.
Пауел подоцна се оддалечи од Републиканската партија и го искористи својот политички капитал за да му помогне на Барак Обама да влезе во Белата куќа.