Вишиот суд во Нови Сад му одреди притвор до 30 дена на Горан Весиќ, српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура во оставка, во врска со трагедијата во Нови Сад од 1 ноември, кога по пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица.
Тој е осомничен за кривичното дело Тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело Предизвикување општа опасност. Притвор му е одреден и на Небојша Шурлан, поранешен директор на српската државна компанија Инфраструктура на српски железници. Притвор и други поблаги мерки на претпазливост добија останатите осомничени, кои ги има вкупно 13.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бараше притвор за сите 13-мина осомничени, со образложение дека постои можност осомничените да влијаат на сведоците и на соучесниците, да го повторат делото, како и поради вознемирување на јавноста.