Вашингтон го обвини Техеран дека не ги исполнил ветувањата во врска со Ормускиот Теснец, ден пред почетокот на мировните разговори во Исламабад, а кревкото примирје е дополнително загрозено од израелските напади врз Либан. Нема знаци дека Иран ја тргнал речиси целосната блокада во Теснецот, што го предизвика најлошото нарушување на глобалното снабдување со енергенси во историјата. Иран вели дека тоа нема да се случи сѐ додека Израел не престане да го напаѓа Либан, каде што во изминатите два дена загинаа над 300 луѓе.
„Иран многу лошо ја врши работата околу протокот на нафтата низ Теснецот. Тоа не е договорот што го имаме“, напиша Трамп на својата социјална мрежа
Тој додаде дека нафтата повторно ќе почне да тече, без да каже какви мерки би можеле да преземат САД.
Во првите 24 часа од прекинот на огнот, само еден танкер со нафта и пет други брода поминале низ Теснецот.
САД и Израел тврдат дека најновото примирје не го вклучува Либан, кој Израел го нападна минатиот месец за да го искорени Хезболах. Но, Иран и посредникот Пакистан велат дека Либан е дел од договорот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека дал инструкции за започнување директни преговори со Либан што е можно поскоро, со фокус на разоружувањето на Хезболах.
Иранските државни медиуми вчера објавија нова изјава на врховниот водач, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, кој кажа дека Иран ќе се одмазди за војната. Хамнеи сѐ уште не се појавил во јавност и неговата состојба е предмет на бројни шпекулации.
„Секако, нема да ги оставиме неказнети криминалните агресори кои ја нападнаа нашата земја. Несомнено ќе бараме надомест за секоја нанесена штета“, рече тој во соопштението.



