ОШТЕТУВАЊАТА НА КАБЛИТЕ ВО БАЛТИЧКОТО МОРЕ ЛИЧАТ НА САБОТАЖА, КАЖА ГЕРМАНИЈА

    ОШТЕТУВАЊАТА НА КАБЛИТЕ ВО БАЛТИЧКОТО МОРЕ ЛИЧАТ НА САБОТАЖА, КАЖА ГЕРМАНИЈАГерманија и Финска предупредија дека се води хибридна војна (Фото: Гети)

    Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека оштетувањата на двата подводни кабли во Балтичкото Море личат на саботажа, без да обвини некого.

    Телекомуникациски кабел меѓу Германија и Финска долг речиси 1.200 километри бил пресечен вчера во раните утрински часови, а интернетската врска меѓу Литванија и шведскиот остров Готланд престанала да работи во неделата.

    „Никој не верува дека овие кабли случајно биле исечени. Затоа мора да заклучиме дека ова е хибридна акција“, кажа Писториус.

    Германија и Финска изразија длабока загриженост поради оштетувањето на кабелот и кажаа дека европската безбедност е загрозена како од војната во Украина, така и од „хибридното војување на злонамерни актери“.

    „Кабелот можеби бил пресечен од надворешна сила. Вакви прекини не се случуваат во овие води без надворешно влијание“, изјавија од финскиот телекомуникациски оператор „Цинија“, додавајќи дека инцидентот се случил близу шведскиот остров Оланд и дека поправката би можела да трае околу 15 дена.

    „Арелион“, шведската компанија која управува со линијата до Литванија, не кажа каде бил пресечен другиот кабел, за чија поправка ќе требаат неколку недели.

    „Каблите во Балтичкото Море се оштетуваат одвреме-навреме од рибарски бродови, но овојпат не изгледа дека е случајно или по грешка“, изјави портпаролот на „Арелион“, Мартин Сјегрен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира